КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ. Новогодишни кловнови Дејствието се случува позади некаков циркуски шатор. Неколку циркуски реквизити, скала, сандак во боја исполнет со кловновски и маѓионичарски реквизити. Во позадината се слуша циркуска музика. Од внатрешноста на шаторот се појавуваат претпазливо двајцата кловнови, Белиот кловн (ученикот) и Глупиот август, (постариот). Ѕиркаат претпазливо. КЛОВНОТ Што ќе правам ако никој не се смее? ГЛУПИОТ А. Јас ќе се смеам, не бери гајле... КЛОВНОТ А ако никој не се смее и сите плачат? ГЛУПИОТ (прави некаков штос) Ќе одам на раце. Без гајле. Ќе се смеат! КЛОВНОТ (вознемирен) А ако никој не ракоплеска на крајот? ГЛУПИОТ Јас ќе ракоплескам, не бери гајле. КЛОВНОТ А ако викаат „уааа"? ГЛУПИОТ Јас ќе застанам пред тебе, не бери гајле, Мене ќе ми викаат „уаа", мене ќе ми свиркаат. КЛОВНОТ А, ако ја напуштат салава еден по еден? ГЛУПИОТ Јас ќе одам во салата, ќе викам Бравоо, биис, ќе мора да се поклонуваш и враќаш до утре сабајле. КЛОВНОТ А ако останам без глас и заборавам се? ГЛУПИОТ Ќе ти шепотам јас, не бери гајле. Ќе ти шепотам толку силно, што ќе мислат дека сето тоа ти го правиш. КЛОВНОТ А ако паднам излегувајќи на сцената, ако се лизнам... ГЛУПИОТ Јас ќе се смеам, не бери гајле. Ќе се смеам толку силно што сите ќе мислат дека тоа намерно го правиш. КЛОВНОТ (многу сериозно) А ако умрам на сцена? ГЛУПИОТ Ќе го облечам твојот костим, не бери гајле, и ќе играм толку добро, што сите ќе поверуваат дека тоа си ти. КЛОВНОТ (некако се свестува) Па тогаш, зошто јас да играм ако ти правиш се така добро? ГЛУПИОТ Затоа што заедно сме кловнови. Кловновите секогаш се двајца. КЛОВНОТ А?! ГЛУПИОТ Да! Одиме... (тргнуваат напред... но белиот кловн пак некако запира) КЛОВНОТ А, што ќе правам ако никој не се смее? ГЛУПИОТ Јас ќе се смеам, не бери гајле. Почнуваме?! КЛОВНОТ Почнуваме! ГЛУПИОТ Почитувани публикуме, за прв пат во вашиот град најсмешните кловнови... КЛОВНОТ ... за прв пат во вашиот град најсмешните кловнови... ГЛУПИОТ Најсмешните кловнови... (кажува накакви имиња, па одеднаш му текнува...) Чекај, нешто да те прашам. Ти, зошто сакаш да бидеш во циркус? КЛОВНОТ Затоа што циркусот е мојата единствена шанса... животна. ГЛУПИОТ Зошто? КЛОВНОТ Затоа што учителката ми рече: „Тебе не те бидува за ништо, освен за циркус!" ГЛУПИОТ А што би работел во циркусот? КЛОВНОТ Сакам да бидам човек ракета, да вежбам на трапез, да јавам на коњ... да бидам кловн! ГЛУПИОТ Па тогаш, покажи што знаеш! КЛОВНОТ Знам да свирам на труба! (може и друг инструмент, во зависност од тоа што има) ГЛУПИОТ Одлично, кловнот треба да знае да свири на труба. повели, почни... (се тргнува и застанува покрај еден стол. Кловнот се мести, се поклонува и таман да почне да свири...) Алоо, таму свирењето е забрането... Седи овде! (Кловнот доаѓа до покажаното место, се поклонува и сака да седне на столот, но Глупиот му ја тргнува. Кловнот треснува на земја. Глупиот заедно со столицата оди на другата страна.) Алоо, таму свирењето е забрането... свири овде... (и пак се повторува играта. На третиот пат, кловнот ја открива играта и го надитрува, но Глупиот му врзува шлаканица, а веднаш потоа и клоца в газ.) КЛОВНОТ Ама, што ти сторив, зошто ме тепаш? ГЛУПИОТ Така мора да биде. Ај наведни се. (Кловнот се наведнува, а Глупиот зад него кине парче крпа како да се скинале панталоните на кловнот. Кловнот се држи за газот.) Ако сакаш да бидеш кловн, мора да ја нучиш основата, а тоа е: Потргнување стол, удирање на шлаканици, кинење на панталони... КЛОВНОТ Само толку? ГЛУПИОТ Толку! (Кловнот веднаш му залепува шлаканица и му удира клоца...) Не е толку... гледај и учи. (зема еден надуен балон и плетачка игла, го прободува, балонот пукнува. Зема друг балон кој е препариран со солотејп, го прободува, балонот не пука. Потоа зема едно шише и прави трик со стапче. За цело време додека ги прави триковите, Глупиот импровизира некаков тескт со кој ја анимира публиката.) КЛОВНОТ Јас сум само еден обичен кловн чирак и сакам да добијам диплома за кловн. ГЛУПИОТ Ама ако сакаш да добиеш диплома за кловн, ти треба да си кловн. КЛОВНОТ Па тогаш, ако сум кловн, нема потреба повеќе да учам. ГЛУПИОТ Да, ама ти не си кловн. КЛОВНОТ А, по што гледаш дека не сум кловн?! ГЛУПИОТ Затоа што кловнот си е кловн. КЛОВНОТ А тоа, наследно ли е? ГЛУПИОТ Не, треба да си тажен, а ти си весел. КЛОВНОТ Па можам да научам да бидам тажен (покажува) ГЛУПИОТ Дааа, ама ова не е смешно. (кловнот прави некакви смешно-тажни импровизации) Чекај, ти сакаш да те научам како можеш да заработиш многу пари? КЛОВНОТ Е како не сум сакал. ГЛУПИОТ Милони? КЛОВНОТ Милони! ГЛУПИОТ Милијарди? КЛОВНОТ Милијарди. ГЛУПИОТ Сто марки имаш? КЛОВНОТ Немам! ГЛУПИОТ Добро, еве вака... десетденари имаш? КЛОВНОТ Имам. ГЛУПИОТ На почеток, секој од нас става по десет денари. Јас ги ставам рацете одзади, и ако погодиш дали рацете се отворени или затворени, парите ги добиваш. КЛОВНОТ Еј, многу е просто... може (ставаат пари) ГЛУПИОТ Ен, два, три... распарибаричи... отворени, или затворени? КЛОВНОТ Затворени! ГЛУПИОТ Бравос. Погоди... заработи десет денари. КЛОВНОТ (Среќен, ги зема парите) Ај пак да играме... ама сега за дваесет денари... ГЛУПИОТ Може... Распарибаричи... отворени или затворени? КЛОВНОТ Затворени! ГЛУПИОТ Е жал ми е. Отворени се. КЛОВНОТ Што можеме, се се случува. Пред малку беа затворени, сега се отворени... ај пак за дваесет, може? ГЛУПИОТ Може... Распарибаричи... КЛОВНОТ Отворени... ГЛУПИОТ Затворени. КЛОВНОТ Може по педесет денари? ГЛУПИОТ Може... распа... КЛОВНОТ А нее, сега јас ќе викам распарибаричи... ГЛУПИОТ Добро, нека ти биде... За колку? КЛОВНОТ За двеста милиони, за милијарда... за сто марки... имаш? ГЛУПИОТ Немам! КЛОВНОТ Добро, за десет денари... ГЛУПИОТ Може... КЛОВНОТ Распарибаричи... (Мавта со рацете, ги затвора очите и ги става рацете затворени, однапред, пред очите на Глупиот) Отворени, или затворени? ГЛУПИОТ Затворени! КЛОВНОТ (ги отвора очите и си ги гледа рацете) Невозможно, погоди. Ајде уште еднаш... (ги врти рацете и ги става зад грб) Распарибаричи... отворени или затворени... (Глупиот божем се концентрира...) Ај, ај, ај, заборавив... чекај да видам... (ги вади рацете напред) ГЛУПИОТ Отворени. КЛОВНОТ Не важи, самиот ти ги покажав... ајде уште еднаш за последен пат. Распарибаричи, отворени, или затворени...? (ги става рацете зад грб.) ГЛУПИОТ (свикува силно) Рацете горе! (кловнот уплашен ги крева рацете горе.) Отворени! (му ги собира парите и бега...) КЛОВНОТ Чекај... не бегај... (Глупиот застанува...) ГЛУПИОТ Што е? КЛОВНОТ Не сакам повеќе да бидам кловн! ГЛУПИОТ Зошто? КЛОВНОТ Доста ми е ! Што занает е тоа да бидеш кловн?! Повеќе не сакам. Си одам! ГЛУПИОТ Не е точно. Кловн е многу убав занает... КЛОВНОТ Како да не. Убав занает! Кога плачам, луѓето ми се смеат. Колку ми е потешко, толку луѓето се позадоволни. А, погледај... види во публикава, само расклештени усти... ГЛУПИОТ Па што сакаш... задоволни се, среќни се што те гледаат. КЛОВНОТ Сакам да ме сакаат... ГЛУПИОТ Па те сакаат... КЛОВНОТ Ама, со љубов вечна... ГЛУПИОТ Со љубов вечна, тебе... еден обичен кловн...?! КЛОВНОТ Сакам сите лудо да ме сакаат и да копнеат по мене, писма да ми пишуваат, по телефон да ми се јавуваат... ГЛУПИОТ По телефон?! КЛОВНОТ Мобилен. ГЛУПИОТ Ај не зборувај глупости, да ти се јавуваат тебе... по телефон... на еден обичен кловн! КЛОВНОТ Е па тогаш, ќе си одам... и ќе станам еден... еден... ГЛУПИОТ Што ќе станеш? КЛОВНОТ Директор... не, претседател... не, ќе станам шофер... по цел ден ќе си се возам... не, ќе станам... ај погоди што е ова... (почнува пантомимски да имитира свирење на некаков жичан инструмент) ГЛУПИОТ Ти си музичар... свириш... КЛОВНОТ Точно... ама на што?! ГЛУПИОТ На гитара! КЛОВНОТ (задоволен се смее) Не! На мандолина! ГЛУПИОТ Добро, еден нула за тебе. КЛОВНОТ (Се позадоволен) Еј, а погоди што е ова? (пантомимски игра нешто како тенис) ГЛУПИОТ Ти си спортист, и играш... КЛВОНОТ Точно, ама што? ГЛУПИОТ Играш тенис! КЛОВНОТ Не! Играм бадминтон! (или нешто уште поглупаво да каже и пукнува од смеење) ГЛУПИОТ Добро, два нула за тебе. Ај сега тебе да те видам. Погоди што е ова? КЛОПВНОТ Чекај, да се сконцентрирам. (се мести во концентрација) ГЛУПИОТ (Прави пантомимска етида, што подоцна кловнот ја кажува со зборови) Ај сега да те видам? КЛОВНОТ Е па вака... Ти доаѓаш во една куќа, или зграда, сеедно... лифтот не работи, се качуваш по скалите, душата низ нос ти излегува, сакаш да влезеш, арно ама си го заборавил клучот, ѕвониш на вратата, ти отвора некој кого ти го познаваш и се бакнуваш силно... (оваа сцена во зависност од имагинацијата на актерите може повеќе да се разигра) ГЛУПИОТ Добро, а со кого се бацувам? КЛОВНОТ Со мајка ти... ГЛУПИОТ Не! КЛОВНОТ Со татко ти... ГЛУПИОТ Не! КЛОВНОТ Па со кого?! ГЛУПИОТ Нормално, со жена ми! КЛОВНОТ Добро... ај сега јас. (и Кловнот скоро идентично ја повторува истата пантомима, може да си додаде некакви свои варијанти) Ај сега да те видам? ГЛУПИОТ (го повторува текстот од пантомимата)... И се бацуваш силно... КЛОВНОТ Одлично! А со кого се бацувам? ГЛУПИОТ Со мајка ти... КЛОВНОТ Не! ГЛУПИОТ Со татко ти? КЛОВНОТ Не! ГЛУПИОТ Знам, со жена ти! КЛОВНОТ Не!! ГЛУПИОТ Па со кого?! КЛОВНОТ Нормално, со жена ти!... (сега тој задоволен бега... Глупиот се лути и го брка) Еј, немој да се лутиш, гледај, на публиката и се допадна оваа точка... тие се смеат... ракоплескаат. ГЛУПИОТ Тие се смеат... ракоплескаат. КЛОВНОТ Зашто јас сум најсмешниот кловн на светот. ГЛУПИОТ Зашто јас сум најсмешниот кловн на светот. КЛОВНОТ (не му се допаѓа што Глупиот ги повторува неговите зборови) Се што велам, само јас велам!! ГЛУПИОТ Се што велам само јас велам! КЛОВНОТ Се што правам само јас правам. ГЛУПИОТ (го имитира) Се што правам само јас правам. КЛОВНОТ Но ти не правиш ништо. ГЛУПИОТ Но ти не правиш ништо! КЛОВНОТ Јас одам на раце! ГЛУПИОТ Јас одам на раце! КЛОВНОТ Јас паѓам! ГЛУПИОТ Јас паѓам. КЛОВНОТ Правам четири опасни вртења на подот. ГЛУПИОТ Правам четири опасни вртења на подот. КЛОВНОТ И едно салто. ГЛУПИОТ И едно салто. КЛОВНОТ (Очајува и го повишува гласот) И се смеам... ха, ха, ха... ГЛУПИОТ И се смеам ха, ха, ха... КЛОВНОТ И плачам... Ууууу... ГЛУПИОТ И плачам... ууууу... ДВАЈЦАТА (Зборуваат истовремено) И правам четири опасни вртења на подот и едно салто и во исто време се смеам ха, ха, ха, и во исто време плачам уууу и во исто време свирам на труба и од панталоните ми излегува чад... и од ушите ми прска вода... а тие се смеат и ми ракоплескаат... ГЛУПИОТ Мене ми ракоплескаат. КЛОВОНОТ Папагал! ГЛУПИОТ Папагал. КЛОВНОТ Не сакам да бидам двајца. ГЛУПИОТ Не сакам да бидам двајца... КЛОВНОТ Идиот. ГЛУПИОТ Идиот. КЛОВНОТ Кловн. ГЛУПИОТ А, гледаш дека јас сум кловн. КЛОВНОТ А, гледаш дека јас сум кловн. ГЛУПИОТ Не, ти си кловн папагал. КЛОВНОТ Не, ти си кловн папагал. ГЛУПИОТ Ти си папагал, јас сум кловнот. КЛОВНОТ Ти си папагал, јас сум кловнот. ГЛУПИОТ (го повишува гласот) Јас сум кловнот. КЛОВНОТ Јас сум кловнот. ГЛУПИОТ Ти си папагал. КЛОВНОТ Ти си папагал. ГЛУПИОТ Добро, а сакаш цел живот да ти тече мед и млеко? КЛОВНОТ Што?! ГЛУПИОТ Дали сакаш цел живот да ти тече мед и млеко? КЛОВНОТ Сакам! ГЛУПИОТ Млекото го прави кој? КЛОВНОТ Млекото го прави млекарницата од Битола. ГЛУПИОТ Не! Млекото го прави... КЛОВНОТ Знам. Млекото не се прави... Млекото се продава. влегуваш во продавница...: „добар ден - добар ден, дајте ми кило млеко..." ГЛУПИОТ Неее! Млекото го прават кравите. КЛОВНОТ Еј бравос, кој ти го кажа тоа? ГЛУПИОТ Сите тоа го знаат. КЛОВНОТ А кравите имаат апарати за правење на млеко? ГЛУПИОТ Доста!! Млекото го прават кравите, а медот го прават...? КЛОВНОТ Кравите! ГЛУПИОТ Нее! Медот го прават малите... бзззз... (покажува како пчелите летаат) КЛОВНОТ Азнам... малите крави... ГЛУПИОТ Медот го прават пчелите. КЛОВНОТ Навистина?! Не знаев. ГЛУПИОТ Е сега гледај. Ти си пчелата матица и си седиш на својот престол. Јас сум малата пчеличка Маја, летам од цвет на цвет (покажува играјќи ја Пчеличката) и собирам мед. Кога ќе соберам доволно мед, ќе дојдам пред тебе, три пати ќе ти се поклонам и ти ќе речеш: „Пчеличке, пчеличке дај ми малку мед" и јас ќе ти дадам. КЛОВНОТ Одлично, многу сакам мед. ГЛУПИОТ (Застанува пред Кловнот и почнува да го хипнотизира) ЗЗззззз-Пссссс-Хрррррррк КЛОВНОТ Што правиш?! ГЛУПИОТ Те хипнотизирам... Те претворам во Пчела матица... КЛОВНОТ Аха, добро... ГЛУПИОТ Зззззз... Пссссс... Хррррррк. (И Кловнот седнува на столот и почнува да мрда со „крилцата" и да изигрува Пчела матица, викајќи „бзззз". Глупиот, зад Кловнот зема шише со вода и си ја наполнува устата, а потоа „лета по полето и собира мед од цвет на цвет..." доаѓа пред Кловнот, три пати му се поклонува...) КЛОВНОТ (се уште изигрува Матица... ги брои поклонувањата...) Пчеличке, Пчеличке, дај ми малку мед. Глупиот го испрскува со водата што ја има во устата. Задоволно се смее, Кловнот бесен... се лути... ГЛУПИОТ Чекај, немој да се лутиш. Еве, научи еден одличен штос. И ти можеш вака некого да испрскаш. КЛОВНОТ Можам?! ГЛУПИОТ Да! (Кловнот се напива од шишето со вода и тргнува да прска по публиката) Стој, не така... ќе зезнеме некого поединечно... некој што не ти се допаѓа... КЛОВНОТ Да бе, ќе зезнеме некој што не ми се допаѓа... (гледа по публиката, бира, и одбира некој што не му се допаѓа... Се разбира тоа треба да биде човек со кого пред преставата ќе се договори, да го знае штосот) Ало, Вие, дали би биле добри да дојдете на сценава... (Човекот, детето, излегува на сцената, Кловнот задоволен му намигнува на Глупиот како ќе го зезнат) Дали сакате цел живот да ви тече мед и млеко? ЧОВЕКОТ Нормално, да... КЛОВНОТ (Со помош на Глупиот, кој му помага, ја комплетира приказната... Кловнот греши... и импровизира) Значи вие сте Пчелата Матица и си седите на Престолот. Јас сум малата пчеличка Маја, која лета од цвет на цвет и собира мед... Штом ќе соберам доволно мед, ќе дојдам пред Вас... три пати ќе ви се поклонам ... и Вие ќе ми речете: „Пчеличке, пчеличке, дај ми малку мед" и јас ќе Ви дадам... може? ЧОВЕКОТ Може (седнува на столицата) Е сега, целата игра понатаму во зависнот од имагинацијата на актерот може да се импровизира. Значи, Кловнот прво се обидува га го хипнотизира човекот, не успева, Глупиот му помага. Кловнот е хипнотизиран, па се освестува... на крајот успева да го „заспие" човекот... задоволен се напива вода од шишето, почнува да собира мед, но се сопнува и ја исплукува водата, повторно се напива. Пак тргнува да 12 собира мед, доаѓа пред човекот со уста полна со вода и три пати му се поклонува... Човекот мавта со крилцата и го гледа не реагирајќи. Кловнот се нервира и ја исплукува водата од уста... КЛОВНОТ А бре човече, јас три пати ти се поклонив, ти требаше да ми кажеш: „Пчеличке, пчеличке, дај ми малку мед" и јас ќе ти дадев... ЧОВЕКОТ Заборавив, извини... ајде пак... Кловнот пак ја повторува целата игра... Пак доаѓа пред човекот, три пати му се поклонува... Човекот не реагира... кловнот со вода во устата се обидува да го испоровоцира... Човекот пак ништо... КЛОВНОТ А бре, ти си бил ептен глуп. Колку пати треба да ти повторам... Јас летам од цвет на цвет, собирам мед... кога ќе соберам доволно, ќе дојдам кај тебе, три пати ќе ти се поклонам, ти ќе ми речеш: „Пчеличке, Пчеличке, дај ми малку мед" и јас ќе ти дадам. Запамти? ЧОВЕКОТ Да... Ајде... Кловонот пак се напива од шишето со вода и тргнува да собира мед. За тоа време Глупиот и Човекот исто така се напиваат од водата од шишето и ја чуваат во устата. Кловнот откако собрал доволно мед доаѓа до човекот, три пати му се поклонува... Човекот хипнотизиран не реагира... кловнот се лути... ја исплукува водата... КЛОВНОТ Значи ти си кретен, една најобична реченица не можеш да запамтиш... требаше да ми кажеш: Пчеличке, Пчеличке дај ми малку мед... На ова Човекот го испрскува Кловнот со водата што му е во устата, Кловнот се врти кон Глупиот и тој го испрскува... Двајцата се забавуват со тоа што го прскаат Кловнот... Човекот задоволен си оди. ГЛУПИОТ Ајде, немој да цилмолиш, научи уште еден кловновски штос. КЛОВНОТ Колку повеќе учам, помалку знам... Не сум среќен? ГЛУПИОТ За што зборуваш? КЛОВНОТ За мене... за нас... Нели изведовме прекрасна точка? ГЛУПИОТ Да! КЛОВНОТ Настап на кловнови каков што не е виден досега? ГЛУПИОТ Точнотака! КЛОВНОТ Предизвикавме реакција за која ќе се зборува со векови? ГЛУПИОТ Сигурно. И повеќе... КЛОВНОТ Па зошто тогаш не сме славни? Зошто немаме премиери, немаме слики и споменици... не нема на телевизија... ГЛУПИОТ Ретко има кловнови на телевизија... КЛОВНОТ Ама зошто и тие што ги има ретко на телевизија, не сме ние. ГЛУПИОТ Затоа што тие и не знаат каква дарба имаме. Ние сме посебни кловнови, вистински кловнови... ќе им бидат потребни педесет години за да видат и за да сфатат што правиме и од каква вредност е... КЛОВНОТ Ти не си нормален... Педесет години... За педесет години, ништо нема да остане од мене. ГЛУПИОТ ... и тогаш во сеќавањата кога ќе им светне ќе речат: „Ах какви кловнови беа..." КЛОВНОТ Многу е педесет години... ГЛУПИОТ Не е... затоа што ние сме вечни, ние сме двајца... можеме меѓусебно да се охрабруваме, да си ракоплескаме. Другари сме и си ја знаеме вредноста... КЛОВНОТ И никогаш нема да бидеме сами... ГЛУПИОТ И тогаш можеме да снимаме и на телевизија и на радио, и да не има по весниците... да имаме премиери... КЛОВНОТ Тогаш ќе ме молат, ама јас ќе одбијам... ГЛУПИОТ Може, ние сме ортаци и во добро и во зло! КЛОВНОТ Ех, кога сите кловнови би биле како нас, па да си подадат рака. ГЛУПИОТ Би направиле круг околу светот на подадени раце... КЛОВНОТ Ех, кога сите кловнови би биле другари и пријатели како нас... ГЛУПИОТ Тогаш светот би живеел во другарство и пријателство... КЛОВНОТ Ех, кога кловновите не би воделе војни... ГЛУПИОТ Би живееле во мир на кловнови... КЛВОНОТ Ех, кога сите кловнови би биле слободни... ГЛУПИОТ Тогаш никој повеќе не би бил кловн! КЛОВНОТ А, зошто тогаш да бидеме кловнови? ГЛУПИОТ А, зошто пак да не бидеме, кога веќе сме кловнови. КЛОВНОТ Имаш право... на работа... на труд... Тргнуваме! ГЛУПИОТ Тргнуваме... (Музика, двајцата се залетуваат како да ќе најават нова точка... но Кловнот одеднаш застанува...) КЛОВНОТ А што ќе правам ако никој не ми се смее? ГЛУПИОТ Јас ќе се смеам... не бери гајле... Музиката се засилува... кловновите излегуваат надвор од сцената. Крај. Додаток за Дедо Мраз. На почетокот, кога Кловнот објаснува дека сака да работи во цркус, треба да се уфрлат неколку кратки реплики дека сака да биде и Дедо Мраз. ... Дедо Мраз може да биде човекот што се појавува во скечот со Пчеличката, а може и да се преправи еден од кловновите со тоа што на крајот пред да се појави Дедо Мраз, едниот кловн би ја анимирал публиката, додека другиот се пресоблече... но сепак поарно е да се има вистински Дедо Мраз... Ова дијалогче може да биде пред Пчеличката. ГЛУПАВИОТ Знаеш ли каков треба да биде Дедо Мраз? КЛОВНОТ Знам! Треба да биде преставителен. ГЛУПАВИОТ Добро, и уште? КЛОВНОТ Што уште?! Треба да биде... како мене. Добар, убав, да знае да пее, да ги сака децата, да се смее... Јас би бил Цар Дедо Мраз. ГЛУПАВИОТ Добро, и што уште... КЛОВНОТ Леле, ама си досаден... уште, уште... Треба да има торба полна со подароци... ГЛУПАВИОТ Браво, значи треба да биде великодушен, на луѓето да им дели подароци, да бидат среќни... да им тече мед и млеко... КЛОВНОТ Мммм многу сакам мед и млеко... и понатаму оди скечот со Пчеличката...... Ова би одело на крајот, по репликата „тргнуваме..." ГЛУПАВИОТ А ти, знаеш како патува Дедо Мраз? КЛОВНОТ Како патува?! Патува... патува... по пат. По пат патува!! ГЛУПАВИОТ По пат, добро, ама со што? КЛОВНОТ Со воз, авион, брод... со кола... ГЛУПАВИОТ Соса... КЛОВНОТ Знам. Со саат! ГЛУПАВИОТ Како со саат? КЛОВНОТ Така убаво, си носи саат на раката и патува... ГЛУПАВИОТ Не! Патува со са... КЛОВНОТ Со самар! ГЛУПАВИОТ Не! Со санка! КЛОВНОТ Точно! Бравос!! Знаев, само не ми текнуваше, а толку пати сум гледал... Дедо Мраз патува со санка, а санката ја влечат елени... ГЛУПАВИОТ А каде патува Дедо Мраз? КЛОВНОТ Каде патува?! По разни земји, на телевизија, по училишта, дома... ГЛУПАВИОТ Низ мислите и соништата на децата. Тој може и овде да дојде... КЛОВНОТ Овде?! Како?! ГЛУПАВИОТ Треба само да ги затвориш очите и во себе да си помислиш: „Дедо Мраз, дојди" и тој ќе дојде. КЛОВНОТ Не ти верувам! ГЛУПАВИОТ Пробај! КЛОВНОТ (ги затвора очите, се концентрира... нема ништо) Гледаш дека ме лажеш... го нема! ГЛУПАВИОТ Треба сите заедно... (Им се обраќа на децата во салата) Затворете очи и тивко да викаме: „Дедо Мраз, Дедо Мраз..." Глупавиот ги анимира децата, децата ќе викаат и, секако, Дедо Мраз ќе се појави. Ќе каже некакви пораки и ќе им ја честита Новата Година.